Арсенал триумфира и на вториот пријателски натпревар во претсезоната, овојпат против Њукасл со 3-2 во Сингапур.
Навивачите во оваа земја беа првите кои можеа да го поздрават најголемото засилување Виктор Ѓокереш, кој пристигна и се приклучи на тимот, па ќе биде на располагање за следните предизвици.
Што се однесува до натпреварот Њукасл поведе преку Еланга по четири минути игра, но Арсенал преку Мерино и со автоголот на Марфи стигна до пресврт. Подоцна Марфи им се оддолжи на соиграчите и реализира за 2-2.
Решавачкиот гол го постигна капитенот Одегард од белата точка во 84. минута (3-2). На него му претходеше неверојатен продор на 15-годишниот хит Макс Доумен кој издрибла по десната страна и изнуди пенал. Исто така Доумен имаше и две шанси да постигне гол.
Пред Арсенал за четири дена е натпревар против градскиот ривал Тотнем на кој можеби ќе дебитира и Ѓокереш, а Њукасл ќе се судри со корејски Ол-стар тим.