Македонските фудбалери денеска го имаа првиот собир пред почетокот на подготовките за дуелот со Норвешка. Првиот тренинг ќе се одработи од 16 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“.
Ново име на списокот на Ангеловски е 17 годишниот Анес Османоски од Унтерахинг. За мечот со Норвешка селекторот нема да смета и на Висар Муслиу кој е повреден. Дополнително ќе се знае дали ќе игра Аријан Адеми кој се мачи со полесна повреда.
„Без разлика на отсуствата на неколкумина фудбалери, јас верувам во тимот и во играчите кои ги имаме на располагање за претстојниот натпревар. Знаеме што нѐ очекува, ќе се соочиме со различен стил на игра кој го форсираат норвежаните, но верувам дека ќе го наметнеме нашиот ритам и со успех ќе ја завршиме фудбалската 2017 година. На овој дуел ќе пробаме неколку тактички варијанти и се надевам дека сите ќе бидат на висина на задачата. Ново име во репрезентацијата е Османоски кој е дел од младите национални тимови на Македонија и со тоа ја продолжуваме праксата да им дадеме шанса на младите кои во иднина можат да бидат важен дел од А тимот, како што е случајот со Чурлинов, Елмас, Атанасов. Кире Маркоски исто така ќе биде дел од составот на Македонија, околностите во тимот за него се познати и верувам дека ќе ја оправда довербата, исто така како што го направи тоа во квалификациите за младинското ЕП 2017, изјави Игор Ангеловски.
Натпреварот помеѓу Македонија и Норвешка се игра во сабота на 11. ноември со почеток од 18:30 часот.