Фудбалерите на Њукасл изгинаа на теренот, со играч помалку се вратија од два гола негатива, но пред последниот судиски свиреж 17-годишниот Нгумоа погоди за победа на Ливерпул од 3-2.
Њукасл одигра херојски натпревар, заслужи барем бод, но не го доби. На крајот шампионот, Ливерпул дојде до победата.
Резултатот беше отворен во 35. минута кога Гравенберх со прецизен шут од далечина му донесе водство на Ливерпул од 1-0.
Во судиското продолжение од првото полувреме Гордон заработи директен црвен картон по еден опасен старт врз Ван Дајк. Њукасл остана со играч помалку.
По неколку секунди во вториот дел, Екитике постигна погодок за предност на Ливерпул и од 2-0. Многумина помислија дека тука мечот е решен, но не и фудбалерите на Њукасл.
Во 57. минута Бруно Гимараеш намали на 2-1 и го врати Њукасл во живот.
Домашните фудбалери и покрај тоа што играа со фудбалер помалку, вршеа опсада кон голот на Алисон. Таквата офанзива вроди со плод во 88. минута кога Осула го израмни резултатот на 2-2.
Беа покажани 11 минути продолжение, а во повеќе од половина од нив Њукасл напаѓаше и бркаше победа.
Сепак до неа стигна Ливерпул откако во 100. минута 17-годишниот Нгумоа даде гол за победа од 3-2.
Според борбата која ја прикажаа и начинот на кој се вратија фудбалерите на Њукасл не заслужија да загубат, но фудбалот е суров понекогаш.