Вајтеншав стана најголемата сензација во аматерскиот фудбал во Англија, откако девет поранешни ѕвезди на Премиер лигата повторно се обединија и решија да играат од чиста љубов кон играта. Тимот, составен од познати имиња, секој викенд привлекува големо внимание и полни локални терени како ретко кој клуб на тој ниво.
Најгласно се зборува за Папис Сисе, некогашниот напаѓач на Њукасл, кој во последниот натпревар беше вистинска ноќна мора за противничката одбрана. Вајтеншав ветс го прегази Јужен Ливерпул со 11-0, а искусниот Сенегалец постигна дури шест погодоци. Иако на почетокот промаши пенал, 40-годишниот Сисе потоа покажа дека инстинктот на голгетер никогаш не се губи.
Во истиот состав настапуваат и имиња кои фудбалската публика добро ги памети Емил Хески, Џорџ Бојд, Стивен Ајрланд, Недум Оноха, Дени Дринквотер, Мејнор Фигероа, Џолеон Лескот и Умар Нијасе. Колективно зад себе имаат повеќе од 1.800 настапи во Премиер лигата, 222 постигнати гола и над 300 меча за своите национални репрезентации.
Иако денес настапуваат во рамките на популарната „Сандеј лига“, натпреварувајќи се на мали локални терени без големи трибини, нивното искуство и квалитет се чувствуваат во секој дуел. Вајтеншав ветс прерасна во вистинска атракција, а за многумина и потсетник дека фудбалот е пред сè игра која се игра со срце.