Сопственикот на Тиквеш, Осман Таш одговори на гласините дека може клубот да му биде одземен од страна на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев поради неисплатени плати на фудбалерите.
Тој ги призна финансиските проблеми со кои се соочуваат на почетокот на сезоната, но вети дека тие ќе бидат надминати. Осман Таш уште еднаш потенцираше дека тие се тука на долг рок и не планираат да заминат за еден месец.
„Секој клуб може во своето развивање да помине низ тешки моменти – особено на почетокот. Но ние сме тука да се избориме, а не да се откажеме.
Минатата сезона во Македонија имаше многу клубови кои со месеци не исплаќаа плати. Тоа не се случува само тука, туку насекаде во светот. Но ние сме на почеток на еден долгорочен проект – и нема да дозволиме никој да ни става камења на патот.
Наместо да се пишуваат гласини, сакаме да се зборува за она што навистина е важно: Како игра Тиквеш? Дали нашите трансфери се добри или лоши? Дали на теренот даваме сè за нашите навивачи?
За платите и финансиите се грижам јас лично – а не некој од страна. Нашата цел е да им прикажеме добар фудбал на луѓето и истовремено од корен да ја зајакнеме нашата академија.
Ние не сме тука за еден месец – ние сме тука да пишуваме историја на долг рок“, вели сопственикот на Тиквеш, Осман Таш.