Минатата недела,
клубовите од Премиерлигата речиси четири часа дискутираа за „Проект ре-старт“ и
во соопштението кое потоа беше испратено се велеше дека сите се посветени на
доигрување на сезоната.
Сепак, медиумите
од Англија пишуваат дека шест клубови се против продолжување на сезоната. Се
работи за Брајтон, Вест Хем, Вотфорд, Борнмут, Астон Вила и Норич, екипи кои се
во долниот дел од табелата и на кои им прети преселба во ранг подолу.
Планот е
Премиерлигата да продолжи зад затворени врати и на неутрални терени, и дел од
овие клубови сметаат дека може да биде нарушен интегритетот на првенството. Тие спорат дека се губи предноста на домашен терен и сметаат дека е нефер да играат под
вакви услови кога се борат за опстанок.
Тие сепак се подготвени
за компромис и продолжување на сезоната на неутрални терени доколку им биде гарантирано останување во елитата, односно биде
одлучено никој да не испадне.
Оваа недела се
очекува клубовите да гласаат за продолжението од првенството и за усвојување на
одлуката се потребни 14 гласови. Останува да се види дали клубовите ќе најдат заеднички јазик бидејќи крај
на сезоната ќе значи голем финансиски удар и ќе бидат загубени најмалку 800
милиони фунти.