Шефот на
стручниот штаб на италијанскиот прволигаш Бреша, Фабио Гросо веројатно влезе во
конфронтација со контроверзниот напаѓач од тој состав, Марио Балотели, кој е
познат по својот проблематичен карактер.
Гросо го изостави
Балотели за пресметката со Рома, а за време на пресконференцијата во пресрет на
утрешниот меч против „Римската волчица“, Гросо наведе дека најпрво сака да
разговара лично со напаѓачот пред да биде укажана дисциплинска мерка против
Балотели.
„Барам голем
интензитет и високо темпо на моите тренинзи, а кога тоа нема да се случи,
преферирам да направам одредена промена“ рече Гросо на пресконференцијата.
„Тој не го стори
тоа, не сакам да го минимизирам инцидентот, ниту пак истиот да излезе од
контрола, во одреден момент, тој мора да си помогне самиот себе си“ додаде
шефот на стручниот штаб на Бреша.
Тензиите на
релација Гросо-Балотели започнаа во средината на оваа седмица за време на еден
тренинг, кога тренерот предвреме го испрати во соблекувална напаѓачот, а имаше
повеќе шпекулации во Италија околу причините за таквиот потег на Гросо.
Медиумите во
Италија известија дека Балотели бил нервозен откако имал судир со свој соиграч,
а другата страна од таа ситуација вели дека наводно Гросо не бил задоволен од
залагањето на напаѓачот, кој наводно делувал мрзеливо за време на тренингот,
што воедно се потврди од неговата изјава на пресконференцијата во пресрет на
гостувањето во Рим.
Сега, Балотели
нема да патува во Рим за утрешното гостување, а уште од сега медиумите во
Италија наведуваат дека Галатасарај и Фламенго го посакуваат контроверзниот
напаѓач уште во јануарскиот преоден рок.