Првиот човек на Ла Лига, Хавиер Тебас имаше што да каже за Реал Мадрид по говорот на Флорентино Перез за кој некои сметаат дека е јаготката на шлагот на се она што го прави кралскиот клуб во изминатиот период.
Флорентино Перез речиси половина од својот новогодишен говор го посвети на судењето во Шпанија, случајот „Негреира“ и конкретни одлуки на судиите кои му наштетиле на Реал оваа сезона.
Брзо се јави Лапорта кој рече дека Перез си прави алиби за лошите резултати и токму затоа смета дека сите му се виновни.
Сега со изјава се јави и Хавиер Тебас кој често знае да распука и против Реал и против Барса.
„Тензиите во овој случај не се генерирани од Барселона. Ниту пак од другите клубови. Реал Мадрид е тој што е против сè… Против Барселона, против судиите, против сите. Мислам дека го прават тоа погрешно, дека не го избрале вистинскиот пат. Нивниот наратив не му помага на никого, а наративот е дека она што се случува денес, со некои грешки на судиите, е последица и вина на она што се случило во 2019 или 2017 година“, смета Тебас.
„Тие се обидуваат да создадат наратив дека судиите моментално се под некакво влијание. Тоа е многу опасно бидејќи не е вистина. Тие го создадоа тој наратив и тензијата произлегува од него. Тие генерираат тензии цел викенд преку клупската телевизија на Реал Мадрид, преку претседателот на Реал Мадрид пред некој ден… Мислам дека целосно изгубија контакт со реалноста“.
Притисокот од Реал се зголеми последната година во која мадридскиот клуб не освои ниеден трофеј, а претрпе неколку дебакли од најголемиот ривал Барселона, вклучувајќи два пораза во финални натпревари.
Оваа година Реал Мадрид ја заврши со четири бода помалку од Барселона, па ќе мора да надополни во втората половина доколку не сака уште една сезона во која ќе го гледа најголемиот ривал како освојува.