Судот во Нант донесе одлука во долгогодишниот спор меѓу Кардиф и Нант, пресудувајќи дека велшкиот клуб нема право на финансиска отштета по трагичната смрт на Емилијано Сала.
Аргентинскиот напаѓач го загуби животот на 21 јануари 2019 година, кога авионот со кој патуваше кон Велс се урна во Ла Манш. Со него загина и пилотот Дејвид Иботсон, чие тело никогаш не беше пронајдено.
Кардиф тврдеше дека организаторот на летот работел во име на Нант и бараше отштета поголема од 120 милиони евра, повикувајќи се на изгубена добивка и фактот дека Сала требало да помогне во борбата за опстанок во Премиер лигата.
Сепак, францускиот суд ги отфрли овие аргументи и пресуди во корист на Нант, ставајќи крај на правната битка која траеше речиси седум години.