Струга конечно се радува на првата победа во пролетниот дел од сезоната, го дочекаа отпишаниот Шкупи и славеше со убедливи 5-0.
Струга лошо го отвори вториот дел од сезоната во ПМФЛ, забележа два порази и три нерешени натпревари, па отпадна од трката за титулата.
Некогашниот шампион на Македонија денеска го дочека отпишаниот Шкупи и се израдува на првата победа во пролетниот дел.
Домаќините рано дојдоа до водство, Малески реализираше за 1-0 веќе во седмата минута. Струга потоа имаше неколку добри прилики, но за нов гол се чекаше дури до завршните секунди на првото полувреме, Шабани ја затресе мрежата за 2-0.
На стартот на второто полувреме, Мазулухис зголеми на 3-0, нововлезениот Кoмпаоре зголеми на 4-0 по еден час игра, а истиот играч ги постави конечните 5-0 во 76. минута кога со глава погоди по втор пат денеска.
Стружани на табелата сега се трети со 44 бода, зад Шкендија која има 51 и лидерот Вардар со 52.
ФОТО: fb/F.C. Struga