Атлетико Мадрид им се врати на победите и на свој терен ја совлада Валенсија со 2-1 во рамките на 16. коло од Ла Лига, ставајќи крај на серијата од два порази во низа.
„Јорганџиите“ поведоа во првото полувреме преку Коке, а иако гостите имаа свои моменти и не делуваа наивно на „Ванда Метрополитано“, тимот на Диего Симеоне ја држеше контролата. Валенсија накратко се врати во игра со одличниот гол на Лукас Белтран од дистанца во 63. минута, но тоа беше максимумот што можеше да го извлече на ова тешко гостување.
Во продолжението следуваше и најубавиот момент на натпреварот, кога Антоан Гризман по прием на долга топка атрактивно ја смести во мрежата за зголемување на водството.
Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски повторно не доби шанса и натпреварот го следеше од клупата.
Со оваа победа Атлетико стигна до 34 бодови и сигурно ја држи четвртата позиција на табелата, додека Валенсија го прекина позитивниот ритам по четири меча и останува на 15 бодови.