Валенсија и Елче ги поделија бодовите во натпревар од 19 коло во шпанската Ла Лига, играјќи 1-1 на „Местаља“. Средбата мина мирно во првиот дел, додека сите возбудувања беа зачувани за продолжението.
Македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски настапи од првата минута, кој ја доби шансата меѓу стативите поради повредата на Хулен Агирезабала. Голманот немаше многу интервенции, но не успеа да ја зачува својата мрежа недопрена.
Столе доби и блага повреда во првиот дел, делуваше дека ќе биде заменет, ама стегна заби и остана на теренот.
Гостите поведоа во 75 минута, кога Гради Диангана го искористи првиот удар во рамките на голот и го совлада Димитриевски за водство на Елче. Валенсија тргна по израмнување и тоа го доби во самиот финиш. По досудениот пенал, Пепелу беше сигурен од белата точка и погоди за конечни 1-1, со што „лилјаците“ избегнаа пораз пред својата публика.