На Обамејанг не му е прв пат да прославува гол со маска, но медиумите открија дека овој пат зад ваквиот потег се крие неговиот спонзор „Најк“.
„Се уште не можам прецизно да утврдам што се случи. Доколку неговиот гест се однесува на некој спонзор, ќе разговараме со него и ќе сноси последици“ – изјави директорот на Дортмунд, Ханс – Јоаким Вацке.
А токму тоа и се случи. Маската на Обамејанг е реклама за патиките кои „Најк“ во моментов интензивно ги промовира.
Обамејанг минатиот месец беше во Лондон на промоција на овој модел патики и од Островот се врати со логото на Најк на косата кое го промовираше на мечот против Леверкузен.
По таквиот потег остро реагираше „Пума“ која е спонзор на Борусија Дортмунд. Раководството на клубот тогаш разговараше со Обамејанг и го предупреди, но изгледа парите кои ги добива од „Најк“ се многу поголеми од казните, па продолжува со суптилните реклами.
Пред неколку недели, на својот инстаграм профил Обамејанг стави реклама за патиките на која тој е со истата маска со која го прослави голот, а кампањата се вика „Маскираниот финишер“.
Обамејанг има договор со „Најк“ до крајот на кариерата. Тој од спортскиот бренд добива и бонуси за пласирање на продуктите на социјалните мрежи, а сликата од Гелзенкирхен го обиколи светот и направи огромна бесплатна реклама.