Станиќ: Ќе имплементирам свои методи и принципи кои ќе дадат резултати во младата селекција

by riste
2 минути читање

Новиот селектор на младинската репрезентација до 21 година, Горан Станиќ во интервју за официјалниот сајт на ФФМ ги кажа размислувањата за новиот предизвик.

Актуелниот тренер на Работнички, Горан Станиќ со успех ги водеше младинските селекции на Македонија до 17 и 19 години, а сега ќе ги води и надежите до 21 година.

„Имав единствена можност да бидам селектор на сите млади генерации од 16 до 19 години. Доживеав прекрасни моменти и имав незаборавно искуство во тој период во кој остваривме два успешни квалификациски циклуси и ја исполнивме поставената цел, пласман во елитната фаза на квалификации, првиот пат со селекцијата до 17 години, вториот со репрезентацијата до 19 години, што секако само по себе претставуваше голем успех и сатисфакција“, вели Станиќ за официјалниот сајт на ФФМ.

„Новата генерација Македонија до 21 несомнено е дека располага со голем квалитет и потенцијал. Голем дел од фудбалерите веќе се стандардни во своите екипи и имаат стекнато прволигашко искуство. Повеќето од играчите добро ги познавам. Располагаме со квалитет што ни дава за право да се надеваме на добри резултати“.

„Очекувањата од претходниот квалификациски циклус за пласман на ЕП беа големи, особено по одличниот старт и победата над Шведска во првото коло на гостински терен. Мислам дека имавме потенцијал да оствариме подобар пласман, но не оди секогаш според планираното“.

„Планирам да имплементирам мои методи и принципи на работа во кои цврсто верувам и мислам дека ќе ни дадат резултат. Битно е фудбалерите да разберат што е тоа што ќе се бара од нив, а моја ќе биде одговорноста како и на кој начит ќе им го презентирам тоа, а се со цел да имаме подобра комуникација и разбирање на теренот“.

„Промени ќе има, со оглед на тоа што ова е нова генерација. Фудбалерите што беа дел од претхоните квалификации немаат право за настап во следните квалификации, така што е природно да има промени. Во следниот квалификациски циклус право на настап ќе имаат фудбалерите родени во 2004 и 2005 година, но секако дека ќе добијат можност и некои фудбалери кои се родени 2006 година“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани