Клубовите ширум светот реализирале рекордни 24.558 меѓународни трансфери во машкиот фудбал во 2025 година, со вкупна потрошувачка од 13,08 милијарди долари, објави ФИФА во својот извештај.
Ова претставува раст од седум проценти во однос на 2024 година и е најголем број на меѓународни трансфери во машкиот фудбал досега. Од ФИФА информираат дека во 2025 година, на сите нивоа на играта, машки и женски професионален фудбал, како и аматерски фудбал, биле реализирани вкупно 86.158 меѓународни трансфери на фудбалери, што исто така е нов рекорд.
Најскап трансфер е преселбата на германскиот играч од средниот ред Флоријан Вирц од Баер Леверкузен во англискиот шампион Ливерпул. „Црвените“ потпишаа договор со 22-годишниот Германец вреден 100 милиони фунти (околу 137,77 милиони долари), со можност за дополнителни бонуси до 16 милиони фунти.
Во топ пет меѓународни трансфери се вбројуваат и Хуго Екитике (од Ајнтрахт во Ливерпул), Џон Дуран (од Астон Вила во Ал-Наср), Бенјамин Шешко (од Лајпциг во Манчестер јунајтед) и Ник Волтемаде (од Штутгарт во Њукасл).