Фудбалскиот сојуз на Србија е во потрага по нов технички спонзор откако соработката со „Пума“ беше завршена, а реномираната „Газета дело Спорт“ објави дека на новите дресови ќе го има и ликот на легендарниот Синиша Михајловиќ.
Имено, нов технички спонзор на Србија би требало да биде компанијата „Макрон“ која е стационирана во Болоња и новиот дрес би требало да има обележја на славниот репрезентативец и тренер на Србија.
Врската на Болоња и Михајловиќ е посебна бидејќи токму во овој град Михајловиќ ја водеше битката со леукемијата додека го тренираше својот тим.
Според информациите на дресот би имало силуета на Михајловиќ кој се подготвува да изведе слободен удар.
Како што се наведува во текстот на „Газета дело Спорт“ репрезентативците на Србија биле воодушевени од вавата идеја и тоа не е чудно затоа што за многумина Михајловиќ е и нивни идол од детството.
Сигурно дека ваквиот дрес на Србија би бил уникатен во светот на фудбалот, барем кога во прашање се репрезентациите.