Ристовски во Спартак Трнава играше како позајмен од Ријека, за шест месеци даде пет гола на 12 меча. Раководството на клубот го виде големиот потенцијал кој го има Македонецот и реши комплетно да го откупи од хрватскиот тим.
„Среќен сум што успешно завршија преговорите меѓу Ријека и Спартак. Горд сум што ќе бидам дел од Спартак, сите знаат колку овој клуб ми помогна да ја вратам формата и благодарен сум им за довербата која ја имаат во мене. Се надевам дека во новата сезона ќе имаме многу извонредни мечеви и резултати. Гладен сум за успех и голови“, изјави Милан Ристовски.
Директорот на Спартак, Милан Цунинка не откри колку ги чинел трансферот на Ристовски, но кажа дека тоа е клупски рекорд.
„Нема да ја откријам сумата, но ова секако е најскапиот трансфер во историјата на клубот. Ни требаше малку повеќе време за да се договориме, но среќни сме дека ја завршивме работата“, изјави директорот на клубот.