Интер вечерва
загуби важен натпревар. Со победа можеше да се зацврсти на третата позиција на
табелата и да направи исчекор кон местата кои водат во Лигата на шампионите, но
загуби дома од Лацио и им овозможи на „бјанкочелестите“ да направат значаен
исчекор кон битката за топ четири пласман.
По крајот на
мечот, отсуството на Мауро Икарди беше топ тема. И покрај тоа што немаше
класичен напаѓач поради повредата на Лаутаро Мартинез, Лучано Спалети реши да
не го повика Аргентинецот во составот.
Со Кеита Балде во
форот, Интер се мачеше против Лацио и очигледно беше отсуството на голгетер во противничкиот шеснаесетник. Сепак, Лучано Спалети не
само што застана зад својата одлука, туку и жестоко распали по екс-капитенот на
Интер.
„Како што стојат
работите во моментов, поради начинот на кој се однесуваше, мора да биде надвор
од тимот и други да играат. Мислам дека можеше да одигра 20-30 минути или едно
полувреме, но тоа не е поентата“ – вели стратегот.
„Морате да имате кредибилитет во групата. Јас имам кредибилитет 22 години во
мојата кариера. На сите им е очигледно тоа што се случува“.
„Тоа што има
посредник (адвокатот Паоло Николети посредува помеѓу Интер и Икарди за
напаѓачот да се врати) е понижување за фановите на Интер и оние кои се вљубени
во клубот. Да треба да се посредува со некого да го облече дресот тоа е
невидено нешто. Што треба да правам јас, дали треба да испратам мејл до 20
адвокати за да прашам дали може да повикам одреден играч?“
„Луѓето велат сме
загубиле без Икарди. Па Интер со години не играше во Лигата на шампионите со
Икарди на теренот. Сме изгубиле полоши мечеви од овој против Лацио со Икарди во тимот“.
„Ова го кажувам
со почит, па тој не е Лео Меси и Кристијано Роналдо, овие двајца играчи прават
разлика, Мауро не прави разлика“.
„За многу помали
работи сум изоставувал играчи претходно. Морате да се однесувате професионално во соблекувалната“.
„Ајде да излеземе
надвор и да ги прашаме фановите на Интер, дали им се допаѓа тоа што клубот
преговора со играч за тој да го облече дресот“.