„Нероаѕурите“ ја забележаа седмата победа во низа во Серија А, вечерва со високи 5-0 ја совладаа Џенова на нашиот Горан Пандев, кој доби шанса од првата минута против својот поранешн клуб.
Резултатот беше отворен во 14. минута, Гаљардини погоди за 1-0 откако Џенова изгуби топка длабоко на својата половина. Само 120 секунди подоцна беше 2-0. Жоао Марио го проигра Политано, Лазовиќ лошо реагираше па напаѓачот на Интер се најде осамен пред противничкиот голман и реализираше за 2-0.
На стартот од вториот дел Гаљардини зголеми на 3-0. Фудбалерот одново се снајде најдобро по една мешаница и го постигна својот втор погодок. Кратко по овој гол Горан Пандев беше повлечен од игра и доби овации од домашната публика.
Двете екипи потоа имаа неколку шанси за гол, но за нов погодок се чекаше се до финишот од мечот. Најпрво во 91. минута Жоао Марио прецизно биеше од врвот на шеснаесетникот за 4-0, а потоа Португалецот, кој во понеделникот на големо изненадување против Лацио ги доби првите минути оваа сезона, одлично го проигра Наинголан за 5-0 во 93. минута од мечот.