Рома попладнево соопшти дека Пауло Дибала оди на операција и го чека долга пауза, медиумите пренесуваат дека сезоната за Аргентинецот е завршена и целта е тој целосно да биде подготвен за новата.
Изминатиов викенд, на натпреварот против Каљари, Пауло Дибала доби шанса од клупата но на теренот издржа десетина минути. При еден обид атрактивно да проигра со пета, Аргентинецот се струполи на тревата во болка и побара лекарска помош.
Тој веднаш беше повлечен од игра и со солзи во очите го проследи преостанатиот дел од натпреварот.
Од таборот на Рома денеска брифираа дека Пауло Дибала мора на операција за да ја корегира повредата на тетивата во задниот бутен мускул.
„Клубот и играчот заедно се договорија дека ова е најдобриот процес за оптимално опоравување. Му посакуваме на Пауло што поскоро да се врати на терените“ – гласеше известувањето на „волчицата“.
Се очекува повеќе детали да бидат соопштени откако ќе се направи операцијата, а како што пренесуваат медиумите, сезоната за Аргентинецот е завршена и целта е тој да биде подготвен за следната, односно да може да се појави на подготовките во јули месец, и да се врати на терените во август.