Според
информациите кои ги пренесуваат турските медиуми, се вели дека искусниот холандски
напаѓач Робин Ван Перси нема да биде во комбинација ниту за реваншот против
македонскиот првак Вардар за плејоф рундата од квалификациите за Лига Европа.
Фенербахче е
дефинитивно во криза, а тоа го потврди и со ремито против Трабзон на домашен
терен (2-2) каде се спасуваше од пораз во самата завршница од дербито.
Холанѓанецот Ван Перси поради
повреда не беше во комбинација за настап за турскиот гигант ниту во првиот меч
во Скопје каде нашиот првак славеше со 2-0, а вчера на дербито мина само 46
минути на теренот, а доби мошне ниски оценки од неговото издание од страна на
тамошните медиуми.
Најавите овие
денови говореа дека Ван Перси ќе го предводи нападот на Фенербахче за дуелот во
четврток, но поради настинка сепак тој нема да може да му помогне на тимот од
Истанбул во реванш пресметката за Вардар, што е огромен хендикеп за турскиот
тим, а одлична околност за вардаровата одбрана.
Очекувањата се нападот на Фенербахче на реваншот против Вардар да го предводи големото засилување за тимот ова лето, Шпанецот Роберто Солдадо, кој ги одигра последните 26 минути на мечот во Скопје, а направи „сценарио“ за исклучување на капитенот на „црвено-црните“, Бобан Грнчаров кој нема да биде во составот на Чедомир Јаневски за реваншот во Истанбул.