Весли Снајдер испрати совет до Винисиус Жуниор откако Бразилецот не стигна до престижната „Златна топка“, вели дека е подобро луѓето да зборуваат дека му ја украле оваа награда, немсто тоа дека тој ја украл на некој друг.
Оваа недела на гала церемонија во Париз беше доделена „Златната топка“ а признанието за најдобар фудбалер во сезоната заврши во рацете на Родри.
Изборот беше контроверзен, многумина сметаат дека Винисиус Жуниор требал да ја добие оваа престижна индивидуална награда, па Бразилецот бил ограбен.
Целата ситуација ја прокоментира Весли Снајдер, кој добро знае што го снајде Винисиус Жуниор.
Во 2010, Холанѓанецот со Интер освои историска тројна круна, а со „лалињата“ играше и финале на Светското првенство.
Сепак, при изборот за најдобар фудбалер не се најде ниту на пиедесталот, „Златната топка“ заврши во рацете на Лео Меси, а во потесниот круг уште се најдоа Чави и Иниеста.
„Да, ми ја украдоа „Златната топка“ во 2010. Но да бидам искрен, повеќе ме радува тоа што сега во 2024, односно 14 години подоцна, луѓето го коментираат ова и ми велат „Вес, те ограбија во 2010““ – вели поранешниот фудбалер на Интер и Реал Мадрид.
„Замислете да ја освоев „Златната топка“ и луѓето сега да коментираа, „Да, ја освои… ама ја украде наградата““.
„Индивидуалните награди се убави, но оние кои ќе ги освоите со тимот… за мене беше повредно тоа што го кренав пехарот од Лигата на шампиони“.