Марибор е со една
нога во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, откако во првиот
меч против босанскиот првак Зрински, на гостински терен во Мостар славеше со
1-2, и тоа со голот на Бразилецот Тавареш во завршницата од самиот меч.
Словенечка „Екипа“
пишува за Валон Ахмеди, кој го одигра целиот меч во Мостар и беше клучен играч
во исклучително важниот триумф на Марибор кој може да му донесе долго европско лето и
полна клупска каса.
„Најдоброто нешто
од Марибор делува многу оптимистички во пресрет на реванш средбата. Најголемото
откритие на почетокот од оваа година, поточно сезона, дефинитивно е Валон
Ахмеди. Тој беше еден од најдобрите фудбалери на нашиот шампион во првиот меч
во Мостар“ пишува „Екипа“.
Она што е
интересно, е изјавата на нашинецот кој по мечот во Мостар за медиумите најави
дека Марибор ќе го почести Зрински со три гола на реваншот на „Људски Врт“ кој
вечерва стартува во терминот од 20 часот и 15 минути.
Кој е Валон
Ахмеди и како Македонија е поврзана со него?
Македонија има
одлична можност да го добие 22 годишниот фудбалер кој игра на средината на
теренот, мошне брз, со одлична прегледност на играта а воедно и многупати
досега ги покажал своите дриблерски способности.
Она што е факт,
Ахмеди во 2012. година се реши да настапува за нашиот западен сосед Албанија,
почна за селекцијата до 19 години каде настапи на 7 натпревари, за година дена
следеше преселба во селекцијата до 21 година каде досега одигра само 2
натпревари, повредите го спречија неговиот рапиден развој.
Веќе цели две
години Ахмеди нема настап за Албанија, тоа што нема за сениорскиот состав на
нашиот сосед отвора голема шанса за Македонија да го добие фудбалерот кој во
Словенија е означен како најталентираниот странец во тамошното првенство.
Агим Ибраими би
можел повторно да „посредува“ за Македонија, овој пат за фудбалерот чиј идол му
е токму популарниот „Ибра“
Ахмеди е со
потекло од Охрид, има три државјанства – албанско, италијанско и македонско. Ги
засили редовите на словенечкиот шампион во зимскиот преоден трансфер период
каде пристигна од редовите на Целје.
Дополнително што
може да се издвои како предност за селекторот Игор Ангеловски да добие одлично
засилување во националниот тим е фактот што Ахмеди лично се познава со нашиот
репрезентативец Агим Ибраими, па популарниот „Ибра“ би можел повторно да
посредува во интерес на Македонија, ако се земе во предвид неговата улога во убедувањето
на Аријан Адеми, неговиот братучед.
Пред неколку
години Ахмеди за момент се најде во центарот на вниманието на македонската
спортска јавност, кога словенечка „Екипа“ за интервјуто со него извади наслов „Валон
Ахмеди: Македонецот кој не
говори македонски“.
Во ова интервју,
инаку од 2014. година, Ахмеди не ги криеше импресиите од Скопје, за кого издвои
дека вреди да се посети, притоа како убава дестинација за во летниот период го
посочи Охрид.
Инаку, се чини
дека идол на Ахмеди е токму Агим Ибраими, со кого лично се познава.
„Според мене
најпопуларен Македонец во светот е Горан Пандев. Тој има одлична кариера во
Италија, и ја освои Лигата на шампионите. Од новите момци би го издвоил
Ибраими, кој ми е идол, но и пријател“ рече Ахмеди во тогашното интервју.
Извор/фото-вест: ekipa.svet24.si