Eкипата на Ливерпул чекори кон освојување на Премиер лигата, но „црвените“ се соочуваат и со проблем бидејќи и понатаму нема напредок во преговорите за нов договор со: Мохамед Салах, Вирџил Ван Дајк и Трент Александар Арнолд.
Во текот на вчерашниот ден се појавија гласини дека Ван Дајк донел одлука да не го продолжи договорот и да замине како слободен играч.
Според информациите на дел од медиумите холандскиот стопер добил голема понуда од Баерн и блиску е да ја прифати.
Прашање за неговата иднина доби и тренерот Арне Слот кој беше искрен.
„Не знам што се случува, немоќен сум во тој дел. Знам само една работа, сакам Вирџил да биде тука и идната година. Се останато, договор, преговори…тоа не се прашања за мене“, изјави стратегот на Ливерпул.
Ван Дајк во Ливерпул пристигна во јануари 2018 година од редовите на Саутемптон во трансфер вреден речиси 85 милиони евра и многу брзо стана клучен фудбалер на „ црвените“. Исто така по заминувањето на Џордан Хендерсон во 2023 година стана и капитен на тимот.