Тренерот на Ливерпул, Арне Слот откри како на полувремето ги мотивирал своите играчи и ги инспирирал да го победат Реал Мадрид за прв пат по 2009 година.
„Црвените“ стигнаа до пет од пет во Лигата на шампиони откако синоќа со 2-0 го добија дербито против Реал Мадрид на Енфилд.
МекАлистер го отвори резултатот на стартот од вториот дел, а во финишот Гакпо ги осигура трите бода и првата победа за Ливерпул над „кралевите“ по 2009, на претходните осум натпревари момците од Мерсисајд забележаа дури седум порази и едно реми.
„Во првото полувреме некако бевме нетрпеливи. Секогаш тие ќе се заканеа по нашиот гол, иако немаше многу такви ситуации, ние бевме неспретни, грешевме во додавањата, ги форсиравме работите“ – вели Арне Слот.
„Па на полувремето им реков на играчите, „Момци можете да прикажете многу повеќе од ова. Можете да играте со поголем интензитет, подобри да бидете со топката. Заборавете на дресот против кој играте, покажете она што знаете и умеете и сигурно ќе креираме повеќе шанси од тоа што креиравме во првиот дел““.
Во разговор со ТНТ Спортс, тренерот на Ливерпул додаде: „Не можам да кажам дека оваа победа е како некоја друга, бидејќи е специјално кога се игра против клуб кој толку многу пати ја освоил Лигата на шампионите, плус во моментов е актуелен шампион. Тие доминираат во Европа во последните години, а исто така долги години ни создаваа маки и непријатности“.