Славче Војнески има саудиски предизвик, тој е нов тренер на Ал Орубах

by riste
1 минути читање

Славче Војнески во новата сезона ќе работи во Саудиска Арабија, тој ќе биде тренер на Ал Орубах, во неговиот стручен штаб ќе има и уште двајца Македонци.

Војнески стана тренер на Ал Орубах, а ќе му помагаат поранешниот репрезентативец на Македонија, Филип Деспотовски и Сашко Попоски како кондициски тренер.

За Војнески ова ќе биде нов ангажман во странство откако претходната сезона краток период работеше во молдавскиот Петрокуб, а претходно и во Пахтакор од Узбекистан и Серед од Словачка. Најголем дел од тренерската кариера тој помина како асистент и тоа во Газиантеп, Генчлербирлиги, Елазиг и пет години во сениорската репрезентација на Македонија.

Што се однесува до Ал Орубах, претстојната сезона ќе се натпреварува во Втората лига на Саудиска Арабија откако минатата го освои 17., претпоследно место на табелата во елитната конкуренција. Војнески доаѓа на местото на шпанскиот стручњак Антонио Казорла кој краток период ја водеше екипата, откако стана јасно дека ќе испадне во понизок ранг.

Неговите помошници имаат искуство од работа како тренери во клубови од егзотични земји. Деспотовски долго време му беше помошник на Ѓоко Хаџиевски во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, додека последниот ангажман го имаше како прв тренер на Кожуф. Попоски работеше како кондициски тренер во Бугарија, Мјанмар, Летонија, Казахстан, a во вториот дел од минатата сезона беше дел од стручниот штаб на Вардар, под водство на Гоце Седлоски.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×