Скопско дерби во Струга. Незавидната позиција во која се наоѓа Шкупи поради неисполнувањето на условите за користење на ВАР на својот „Чаир“ го тера градската пресметка со Работнички во рамките на деветтото коло во ПМФЛ да ја одигра како домаќин во Струга.
Пред дуелот со градскиот ривал најава за она што следува даде младиот дефанзивец Марио Ричков.
„Нè следеше лоша среќа во неколку натпревари, но веруваме дека овој пат ќе ја прекинеме таа серија и ќе стигнеме до позитивен резултат. Иако сè уште немаме забележано победа, како млад тим се подобруваме од натпревар до натпревар. Работнички во моментов е во резултатска криза и се надеваме дека ќе го искористиме овој момент за да ги освоиме трите бода и да се вратиме со победа. Го познаваме добро Работнички како екипа, бидејќи таму играат многу од нашите поранешни соиграчи, како Демир Имери, Флориан Кадриу и други кои поминале низ Чаир. Сепак, ги анализиравме детално – и нивните слабости и доблести. Мотивирани сме и максимално фокусирани да дадеме сè од себе на теренот“, изјави Ричков.
Од таборот на „романтичарите“, пак, своите очекувања ги сподели стоперот Јасмин Мециновиќ кој нагласи дека тимот една цел.
„Во изминатите осум кола освоивме премалку бодови. На одредени мечеви можеби и играта беше подобра од крајниот ефект. Затоа, нашата цел е да ги освоиме трите бода од денешниот меч. Го респектираме Шкупи, знаеме дека и тие се во незавидна позиција на табелата, но ние сме мотивирани да тргнеме офанзивно и да оствариме триумф“, изјави Мециновиќ.
Натпреварот Шкупи – Работнички се игра во Струга со почеток во 15:00 часот