Шкендија забележа
пораз од 2-1 во првиот меч против литванскиот претставник во третото
квалификациско коло за пласман во групната фаза од Лига Европа.
Според сите
случувања во вториот дел од мечот, нашиот претставник може да биде и повеќе од
задоволен од крајниот исход, ако се земе во предвид дека во последните 25
минути играше со двајца фудбалери помалку на теренот.
Шкендија имаше
лош почеток на мечот во Литванија, неполна минута им беше потребно на
домаќините да поведат по една грешка на нашиот претставник.
Дорлеј ја искористи
конфузијата и недоразбирањето помеѓу Бејтулаи и Захов, најнапред го претрча
дефанзивецот на Шкендија за потоа и да му создаде опасност и на Захов кој
реагираше збунето, „отпадокот“ го искористи Максимов кој ги доведе во рано
водство домаќините.
Од неколкуте
шанси во првите 45 минути игра, ќе ја издвоиме и онаа на Алими, кој биеше само
во стативата од голот на домаќинот во 33. минута, Ибраими најнапред упати
опасен центаршут во казнениот простор по корнер ситуација, голманот на Тракаи
со крајни напори боксуваше, за потоа топката да стигне до Алими кој можеше
слободно да ја затресе мрежата од голот, но погоди само во стативата.
Шкендија по
примениот гол на стартот ја консолидираше играта и целосно ја презеде
контролата и темпото во играта на мечот во Литванија, па така наградата стигна
во 39. минута кога Жуниор доби употреблива топка во казнениот простор на
домаќините.
Бразилецот
најпрво го мина противничкиот голман за потоа да погоди во празната мрежа за
1-1, резултат што остана до крајот на првото полувреме.
Како тргна во првото, така и во второто полувреме, нов подарок за литванскиот претставник, кој во гол го претвори стрелецот на водечкиот гол на мечот.
По раното водство
на Тракаи против Шкендија уште во првата минута, литванскиот тим искористи уште
една грешка во најчувствителниот дел на теренот.
Повторно Максимов
беше тој што ја искористи конфузијата во играта во дефанзива на нашиот
вицепрвак, овој пат во второто полувреме, во 52. минута.
Во само шест
минути Шкендија остана со двајца фудбалери помалку на теренот против Тракаи,
најпрво во 57. минута Жуниор заработи директен црвен картон поради груб
прекршок, а ситуацијата не можеше да биде полоша шест минути подоцна.
Цуцули заработи
втор жолт картон а со тоа по автоматизам предвреме беше испратен во
соблекувалната.
За среќа Тракаи
не ја искористи бројчаната предност на теренот во продолжението од мечот,
резултатот остана непроменет 2-1, резултат кој и покрај поразот носи голема
надеж за пласман во плејоф рундата од квалификациите за Лига Европа.
Главен делител на
правдата на мечот во Литванија беше Ирецот Неил Дојли, кој имаше полни раце
работа во вториот дел од мечот во Вилнус.
Шкендија: Захов, Бејтулаи, Алими, Цуцули, Ибраими
(Бојку 72’), Тотре, Хасани (Мурати 90′), Челиковиќ, Радески (Теќа 64’), Жуниор и Тодоровски (4-2-3-1).
Фото-вест:
fkt.lt