Поранешниот англиски репрезентативец и напаѓач Енди Керол се соочува со можноста да заврши зад решетки поради наводно кршење на забрана за приближување, пренесуваат англиските медиуми.
Како што се наведува, поранешниот фудбалер на Ливерпул бил приведен уште во април на лондонскиот аеродром „Станстед“ по пристигнувањето во Англија, но случајот во јавноста излезе дури во јули. Поради правни причини, неговиот идентитет во почетокот не бил објавен, а откако се подигнати официјални обвиненија, сега е откриено и неговото име, како и ризикот од казна до пет години затвор.
„Мажот беше уапсен поради прекршување на забраната за приближување“, соопшти полицијата за британските медиуми, без да открие дополнителни детали поради тековната правна постапка.
Керол треба да се појави пред судот во Челмсфорд во вторник, каде што ќе се изјасни за обвиненијата.
Во текот на својата кариера, Керол одигра 248 натпревари и постигна 54 гола во Премиер лигата, носејќи ги дресовите на Њукасл, Ливерпул и Вест Хем.