Скандал: Иниеста вмешан во измама од над пола милион евра!

by Стефан
2 минути читање

Легендарниот шпански фудбалер и икона на Барселона, Андрес Иниеста, се најде под истрага на Државното обвинителство во Перу, под сомнение за измама тешка околу 518.000 евра. Според тужбата, компании во сопственост на славниот Шпанец се обвинети дека ги измамиле локалните бизнисмени со организирање забавни настани кои никогаш не се одржале, а парите не биле вратени на оштетените.

Иниеста, кој со Шпанија го освои Светското првенство, а со Барселона бројни клупски трофеи, важи за еден од најдобрите играчи на својата генерација. Токму неговиот светски статус, како што се наведува во тужбата, бил искористен за привлекување инвеститори во Перу. Настаните што наводно требало да ги организираат неговите компании „Never Say Never (NSN“) Barcelona и нејзината подружница „NSN Sudamérica“ никогаш не се реализирале, пренесува „Телеграф“.

Меѓу проектите што биле ветени, но не се случиле, се споменуваат меѓународен пријателски фудбалски натпревар и поп фестивал. Обвинителството тврди и дека настанот „Упа Упа Фест“ иако се одржал, предизвикал значителни финансиски загуби, што довело до откажување на натпреварот на фудбалските легенди и планираниот пријателски меч меѓу клубовите Сиенсијано и Насионал де Кито.

Иниеста сè уште нема официјално реагирано на обвиненијата, но шпанската „Ла Секста“ пренесува дека поранешната ѕвезда на Барселона е „длабоко погодена“ од целата ситуација. Извори блиски до него тврдат дека бил „воден од погрешни луѓе“, што предизвикало штета и за него и за трети страни. Иако сите обвинувања се негираат, потврдено е дека една од вклучените компании е во процес на ликвидација.

Еден од оштетените инвеститори, Емилио Лозано, за емисијата „Y ahora Sonsoles“ изјави дека вложил илјадници евра во планираните натпревари и концерти.

„Никогаш не добивме никакво известување. Само дознавме дека компанијата е во ликвидација. Никој не презеде одговорност, иако требаше“, изјави Лозано.

Според перуанските медиуми, обвинителството сега истражува дали собраните пари во Перу биле префрлени на сметки во странство и дали имиџот на Иниеста бил злоупотребен за привлекување на инвеститори.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×