Манчестер Сити се подготвува за ерата по Кевин де Брујне, креативецот кој веќе најави збогување со „Етихад“ на крајот од сезоната. Неговата замена требаше да биде ѕвездата на Баер Леверкузен, но Вирц се реши за Баерн Минхен.
Сега фокусот е префрлен на Тијани Рејндерс, кој блеска во дресот на Милан и важи за еден од најдобрите играчи на „росонерите“ во изминатата сезона. Според информации на британски „Телеграф“ и повеќе италијански извори, Сити веќе сериозно работи на трансферот на холандскиот офанзивец, кој е идентификуван како прва мета во летниот преоден рок.
Милан е подготвен да го пушти, но само доколку добие рекордна сума, особено бидејќи Рејндерс неодамна потпиша нов договор со „росонерите“. Досега рекордна продажба на Милан е Рикардо Кака кој во 2009 година за 67 милиони евра се пресели во Реал Мадрид.
Следува интересна летна сага – дали Гвардиола ќе го добие диригентот што го посакува?