Фудбалерите на Манчестер Сити ја продолжија потерата по Арсенал во Премиер лигата, откако славеа на многу тешкото гостување кај Кристал Палас (0-3). И вториот тим од Манчестер мина триумфално на „Селхрст Парк“, нешто што не му успеа на ниту еден друг тим оваа сезона на овој терен. Со оваа победа Сити остана на „минус два“ зад водечкиот Арсенал
Долго време Палас му парираше на фаворитот, се држеше на почетниот резултат речиси цело полувреме. Во финишот на првиот дел стрелец за „граѓаните“ беше Ерлинг Халанд кој по асистенција од Нунеш погоди за 0-1 во 41. минута. Во продолжението иако домашните имаа неколку шанси, Фил Фоден во 69. минута зголеми на 0-2, а победата ја потврди Ерлинг Халанд со гол од белата точка во последните минути.
Тотнем по два меча се врати на поразите и беше посрамотен на гостувањето на „Сити Граунд“ кај Нотингем Форест (3-0). Калум Хадсон-Одои беше човекот кој инспирираше голема победа за „шумарите“ бидејќи беше двоен стрелец и асистент при голот на Сангаре.
Астон Вила двапати се враќаше од негатива и го победи Вест Хем со пресврт (2-3) во Лондон. Домашната екипа поведе преку Фернандес уште во првата минута, ама автоголот на Мавропанос ги врати гостите на „нула“. Во продолжението од првиот дел Џерод Боуен погоди за ново водство на „чеканите“. Сепак, во вториот дел со два гола се истакна Морган Роџерс и донесе триумф на својот тим.
Минимална победа забележа Сандерленд против Њукасл (1-0) на својот „Стадион на светлината“. Решавачкиот момент на средбата се случи во 46. минута кога Ник Волтемаде си даде автогол кој му донесе победа на домаќинот.