Манчестер Сити веќе размислува на следните акции во летниот преоден рок, иако е во тек зимскиот период за трансфери.
Според најавите од Англија шампионот на оваа земја налето ќе тргне по изненадувачко име од Бундеслигата. Станува збор за Омар Мармуш, крилниот напаѓач на Ајнтрахт Франкфурт.
Египетскиот фудбалер игра одлично за „орлите“ и оваа сезона има неверојатни 18 гола и 12 асистенции на 24 натпревари. Блесокот му ја крена цената на Мармуш која моментално изнесува 60 милиони евра, но останува да видиме за колку Ајнтрахт би го продал.
Мармуш пристигна во Германија во 2017 година од Вади Дегла, играше за Волфсбург и не се наметна, па летото 2023 година се пресели во Ајнтрахт. И минатата сезона му беше солидна со 17 погодоци и шест асистенции, но во новата е далеку подобар.