Велшката легенда Герет Бејл за првпат откри дека семејни здравствени причини влијаеле врз неговата одлука да се повлече од фудбалот на само 33-годишна возраст.
Фудбалерот со најмногу настапи и најдобар стрелец во историјата на Велс го шокираше фудбалскиот свет кога во јануари 2023 година објави дека става крај на професионалната кариера.
Одлуката дојде и веднаш по елиминацијата на Велс од Светското првенство во Катар, каде завршија на последното место во групата со Англија, САД и Иран.
„Се чувствувам неверојатно среќен што го остварив својот сон, да го играм спортот кој го сакам. Фудбалот ми подари некои од најубавите моменти во животот“, изјави тогаш поранешната ѕвезда на Тотнем и Реал Мадрид.
Gareth Bale reveals the real reason he quit football aged 33 as former Real Madrid and Spurs star opens up on family health emergency https://t.co/hLeQjjpTao
— Daily Mail Sport (@MailSport) December 9, 2025
Бејл ја заврши блескавата кариера во дресот на Лос Анџелес, каде го освои својот прв МЛС трофеј, што беше уште еден успех додаден во импресивната колекција со пет титули во Лигата на шампионите. Сега првпат откако се повлече, објасни зошто сметал дека тоа е идеалниот момент да му каже „збогум“ на фудбалот.
„Татко ми се разболе и тоа имаше огромно влијание врз мојата одлука. Луѓето често не знаат низ што минува некој дома, но брзо сфатив дека животот не е само фудбал“, изјави Бејл.
Тој призна дека постојат работи за кои би сакал да се одвивале поинаку, како на пример да успеел да го одведе Велс до трофеј на Светско првенство.
Но, осврнувајќи се наназад, Бејл додава дека никогаш не можел да замисли дека едно момче од Кардиф, од „обична“ фамилија, ќе постигне толку многу.
„Остварив повеќе отколку што некогаш сум сонувал, па играњето на Светското првенство беше речиси последната цел што ја имав. Не блескавме, но тоа беше прво учество по 64 години“, истакна Велшанецот.