Утре со почеток од 19 часот Силекс против Академија Пандев ќе се бори за трофејот од Купот на Македонија. Но тоа нема да биде последната обврска за оваа сезона за кратовскиот тим, тие имаат и бараж за опстанок во Прва лига против Тиквеш.
„Ова за нас е многу важен меч зашто е единствен начин да се излезе во Европа. И двете екипи заслужија многу подобри позиции од тие на кои завршија во првенството. Очекувам квалитетен меч, шансите се 50-50, па на крајот на краиштата нека победи подобриот. Сепак, нам овој пехар нема ништо да ни значи ако Силекс не остане прволигаш“, вели тренерот Горан Симов.
„Не знам кој е помотивиран, зашто Силекс после 25 години игра финале и ова е огромна мотивација за нас. Јас првпат играв и го освоив во 2005 година кога дојдов во Македонија и еве сега после 16 години повторно играм финале, сега како тренер. Финале на Куп е шанса која се добива еднаш-двапати, можеби ни еднаш, па мотивација секогаш има“.
Ангелче Тимовски вели дека шансите се изедначени и смета дека тој и неговите соиграчи се доволно подготвени за победа.
„Финале како финале, шансите се изедначени. Респект за Пандевци и мислам дека сме доволно подготвени. Јас очекувам добро финале, добар меч, па на крај нека победи подобриот. Свесни сме што е финале, а сите фудбалери ќе дадат максимум за да победиме“, вели Тимовски.
Фото: ФФМ