Диего Коста доби суспензија од осум натпревари поради пцовките кон судијата на мечот со Барселона, а тоа значи дека сезоната за него е завршена.
„Сметам дека казната е преголема, ние како клуб веруваме дека ова е превисока казна за Диего Коста. Тој немаше добра сезона поради бројните повреди, беше подложен и на операција, постојано имаше проблеми. Но кога и да се вратеше, секогаш сакаше да се докаже и даваше се од себе“, вели Диего Симеоне.
Запрашан дали смета дека судиите имаат двојни стандарди кон нив, тој рече: „Не, не мислам дека нас не третираат поинаку, само сметам дека казната за Диего Коста е преголема“.
„Во понеделникот 45 минути зборував со него пред тренингот, во вторникот половина час, се што имав да му кажам му кажав, сега останува на клубот да одлучи што понатаму“.
Диего Симеоне вели дека Коста и во наредната сезона ќе игра за Атлетико Мадрид.
„Апсолутно да, знаете што мислам јас за Коста. Мораме да се грижиме за нашите играчи и во овој момент треба да бидеме со Коста повеќе од било кога. Тој ќе работи и ќе се подготвува за следната сезона, се надевам дека ќе има одлични подготовки и ќе биде повторно во добра форма“.