Атлетико Мадрид одигра нерешени 4-4 на гостувањето кај Барселона во Купот на кралот.
Овој неверојатен натпревар понуди многу возбудувања, гостите поведоа, а потоа домашните стигнаа до пресврт и имаа 4-2 до 84. минута. Сепак, успеа екипата на Диего Симеоне во завршницата со головите на Маркос Љоренте и Александер Серлот да стигне до реми и активен резултат за реваншот.
„Тешко е кога имате негатива од 4-2 против тим каков што е Барселона. Сепак, 4-4 е чесен резултат. Патот до реваншот е многу долг, сега сме фокусирани на Атлетик Билбао. Тоа што ми пречеше е дека примивме два гола од рпекини. Невозможно е тим како Барселона да заврши меч без постигнат гол. Тимот имаше доволно храброст и на 4-2 да тргне напред, а тоа не е лесно. Тоа што постигнавме гол повторно во последен момент? Се обидуваме до самиот крај да креираме ситуации. Имавме нови играчи кои влегоа од клупата, а секој од нив беше способен да се бори до моментот кога тренерот ќе одреди. Со сигурност ќе продолжиме да се бориме како и досега“, заклучи Симеоне.
Реванш дуелот е далеку, бидејќи е на програмата на 2 април во Мадрид.