Шпанската цивилна гарда попладнево објави дека прекумерна брзина и проблем со едно од тркалата е веројатната причина за страшната сообраќајна несреќа во која загинаа Диого Жота и неговиот брат Андре Силва.
Одделот за сообраќај при шпанската цивилна гарда ја довршува експертската анализа за страшната сообраќајна несреќа која се случи 65-тиот километар од автопатот А-52, во насока кон Бенавенте во областа Замора.
Целосно е анализиран теренот и остатоците од несреќата, но пожарот што избувнал по ударот значително ја отежнува истрагата.
Сите собрани докази укажуваат дека возачот на автомобилот бил Диого Жота, а веројатна причина за несреќата е „брзина поголема од дозволената“ на тој дел од патот, како и проблеми со едно од тркалата поради трагите оставени на асфалтот.
Диого Жота и неговиот брат Андре Силва трагично ги загубија животите во раните утрински часови во четвртокот.
Фудбалерот на Ливерпул поради операција на белите дробови имал забрана да лета со авион, па изнајмил автомобил Ламборгини Хуракан со кој тргнал на пат кон Сантандер, каде требал да фати траект до Портсмут (Англија) и потоа да стигне до Ливерпул за да се пријави на стартот на подготовките за новата сезона.
Трагедијата се случи десетина дена по венчавката на Диого Жота со својата долгогодишна партнерка и мајка на нивните три деца.