Фудбалската федерација на Шпанија ја информираше УЕФА дека натпреварот од 17. коло во Ла Лига меѓу Виљареал и Барселона ќе се игра во Мајами. Натпреварот е закажан за 21 декември, со што ќе се исполни долгогодишната желба на раководството на шпанското првенство одредени средби да се играат надвор од земјата, со цел Ла Лига да добие поголема популарност на глобално ниво.
Првичните реакции од УЕФА, особено од претседателот Александер Чеферин, беа негативни. Сепак, европската куќа на фудбалот веќе призна дека нема правни механизми за да го спречат одигрувањето на натпреварот во САД.
ФИФА својата согласност ја даде уште пред две години, со образложение дека лигашки натпревари може да се играат и во други земји.
Чеферин предупреди дека доколку се дозволи ваков преседан на Шпанците, по истиот пат би можеле да тргнат и другите лиги. Италијанската Серија А веќе најави дека размислува за сличен чекор. Чеферин изрази загриженост за навивачите кои би останале разочарани, но призна дека не може многу да смени, ако националните федерации се одлучни за таков чекор.