Фудбалерите на Ипсвич го приредија изненадувањето на вечерта во Премиер лигата, бидејќи на својот „Портман Роуд“ го шокираа Челси со триумф од 2-0. Доминираше гостинот, но тоа беше залудно бидејќи приодите кон домашниот гол беа затворени. Ипсвич спротивно на тоа ги искористи шансите. Поведоа домаќините преку Делап од белата точка, а потоа во вториот дел Омари Хачинсон ја зголеми предноста.
Четврти пораз во низа во сите натпреварувања претрпе Манчестер Јунајтед на домашен терен од Њукасл (0-2). Гостите релативно лесно го освоија „Олд Трафорд“ со два гола на стартот на натпреварот. Александар Исак го отвори резултатот во четвртата минута со глава, а потоа на сличен начин стрела и Жоелинтон во 19. Момците на Еди Хау ја забележаа четвртата последователна победа, а за Јунајтед ова беше трети пораз во првенството по ред.
Се одигра интересна пресметка и на „Вила Парк“ каде што Астон Вила и Брајтон одиграа 2-2. Поведоа гостите преку Адингра, па Воткинс и Роџерс донесоа пресврт. Сепак, Лампти во завршницата освои бод за „гулабите“.