Шкупи: Ќе ги тужиме струмичани, нѐ изиграа за стадионот!

by riste
1 минути читање

Шкупи веќе со месеци е во центарот на вниманието поради проблемите кои ги има, а тие кулминираа со неодигрувањето на мечот против Силекс поради тоа што немаа стадион кој ги исполнува стандардите на ФФМ.

Од ФФМ вчера соопштија дека мечот меѓу Шкупи и Силекс нема да се игра, а дополнително ќе се одлучи каква казна ќе добие чаирскиот тим.

Денеска претседателот на Шкупи, Јасин Конјали излезе со соопштение во кое вината ја префрли на сопственикот на стадионот на Струмица.

Тој вели дека од Струмица најпрво дале согласност за Шкупи таму да го одигра мечот со Силекс, а потоа во последен час се предомислиле.

„Прво, сакам да им се извинам на навивачите за непријатностите кои ги предизвикавме, а потоа да ја објаснам целата ситуација. Имавме договор со сопственикот на стадионот во Струмица да играме таму и дури добивме писмена дозвола за тоа. Кратко потоа, забележавме дека ФФМ го закажа натпреварот и го потврди во својот систем. За жал, во последен момент, сопственикот на стадионот ја откажа дозволата, креирајќи непотребен проблем за нашиот клуб“, информира Конјали кој додаде дека ќе го тужи сопственикот на стадионот во Струмица.

Понатаму, тој најави дека во тек е инсталацијата на ВАР системот на стадионот во Чаир и дека планот е таму да го игра следниот натпревар како домаќин. Во исто време тој се пожали дека не постои солидарност од останатите клубови во македонското првенство кои не излегле во пресрет на Шкупи во овие тешки моменти иако чаирчани имаа речиси половина година да го имплементираат системот и мирно да ја почнат новата сезона. На крај ги замоли политичките партии да ги тргнат рацете од Шкупи и својата кампања да ја водат на друго место.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×