Шкендија веќе ја оствари целта, против Лудогорец без притисок по голем резултат

by riste
1 минути читање

Вечерва со почеток од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“, Шкендија ќе го пречекува Лудогорец во првиот меч од плејофот за пласман во лигашкиот дел од Лига Европа.

Шкендија веќе испиша историја, ќе игра европски фудбал до Нова Година. Првпат ќе настапи во главниот дел од едно европско натпреварување, а дали тоа ќе биде во Лига Европа или Конференциската лига ќе се знае по двомечот со Лудогорец.

Бугарскиот тим кој веќе стекна големо искуство со настапи во европските купови ќе влезе како фаворит во оваа пресметка, Шкендија ќе брка изненадување.

За тоа да се случи се чини дека е неопходен добар резултат на денешниот натпревар кога македонскиот шампион бодрен од својата публика ќе се обиде да го победи бугарскиот претставник.

„Ние ќе се обидеме да покажеме добар фудбал, да се бориме и да изненадиме еден противник кој е фаворит на хартија. Не очекува тежок натпревар затоа што играме против еден противник кој речиси секоја година игра во групите во Европа, затоа треба да дадеме максимум, да бидеме многу сериозни“, вели тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.

Шкендија претходно трипати има играно плејоф за влез во Лига Европа, секогаш губеше и беше елиминиран од Европа. Овојпат е поинаку, сега со елиминација ќе се префрлат во Конференциската лига. А тоа значи дека притисокот врз играчите ќе биде помал бидејќи целта е исполнета.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×