Шкендија против прежалениот Шкупи, Струга домаќин на Тиквеш

by 24 фудбал
2 минути читање

Денес во ПМФЛ се играат два натпревари од 27 коло во Тетово и Струга.

Шампионот Шкендија ќе го дочека веќе прежалениот Шкупи и ќе мора да ја оправда фаворитската улога со освојување на бодовите. За средбата со чаирчани од Шкендија зборуваше Лорик Јакупи.

Убедливиот триумф над Работнички имаше многу позитивно влијание врз атмосферата во екипата. По неочекуваниот пораз од Пелистер, мораше да се кренеме и да го продолжиме патот кон одбран на титулата. Сега сме максимално фокусирани кон следниот предизвик, а тоа е екипата на Шкупи. Жал ни е што тим со таква историја е на таква позиција. Но, ние сме Шкендија и без оглед на пласманот, го почитуваме секој противник и ќе бидеме максимално фокусирани до крајот на првенството да дојдеме до што повеќе бодови. Мора да ја одржиме позитивна форма, ќе играме како да е дерби натпревар. Нема простор за потценување, нашата цел е да победиме на доминантен и убедлив начин. Не смееме ништо да оставиме на случајот на нашиот пат кон првото место на табелата“, изјави Јакупи.

Од таборот на Шкупи зборуваше тренерот Алиса Виши кој знае дека ќе биде тешко, ама најави борба.

Нè очекува многу тежок натпревар. Имаме почит кон Шкендија и нивните навивачи. Ние продолжуваме по нашиот пат, а на Шкендија ѝ посакуваме успех до крајот. Горд сум на овие момчиња кои се борат на секој натпревар и го даваат најдоброто од себе. Се надевам дека овој труд и жртва на овие млади фудбалери ќе се исплати во следната сезона“, изјави Виши.

Во Струга истоимениот клуб ќе го дочека тимот на Тиквеш. Пред натпреварот своите очекувања ги сподели младиот Флоријан Рочи, кој кажа:

Ова е многу важен натпревар за нас, особено затоа што играме пред домашна публика. Верувам дека со максимална посветеност и нивна поддршка можеме да стигнеме до нова победа. Тимот се наоѓа во добра форма и мислам дека тоа ќе го покажеме на денешниот дуел со Тиквеш. Секогаш се трудам да го дадам максимумот на секој натпревар на кој добивам шанса. Одлуката за минутажата е на тренерот, но јас ќе продолжам напорно да работам на тренинзите и да покажам дека заслужувам да бидам на теренот што е можно повеќе“.

Од Тиквеш пред натпреварот зборуваше капитенот Александар Вареловски, а тој смета:

Нормално дека боли тоа што се случи на дуелот против Силекс. Не толку поради самиот пораз, туку поради фактот што се случи во Кавадарци. Сепак, можеби и требаше да ни се случи еден таков момент за да не „отрезни“ и да се спуштиме на земја“.

Двата натпревари се играат во терминот од 15:30 часот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×