Шкендија ќе го даде најдоброто од себе за да направи нов голем чекор во Европа

by riste
2 минути читање

На денешната прес-конференција, тренерот Јетон Беќири и капитенот Бесарт Ибраими ветија дека ќе го дадат максимумот на утрешниот меч против Карабах.

Утре со почеток од 20 часот Шкендија го пречекува Карабах во меч од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите.

„Мораме да бидеме на нашето најдобро ниво, без разлика кој ни е противник. Така ќе биде и утре, ќе се обидеме да го извадиме најдоброто од нас. Карабах е квалитетна екипа, во последните дванаесет години, единаесет пати се шампиони на Азебејџан. Имаат тренер кој скоро седминаесет години е таму. Ние имаме наши сметки и сакаме да бидеме сериозен тим. Сакаме да одиме над лимитот на нашите можности, тоа на вакви мечеви е потребно. Победникот ќе се одлучува во Баку, ако одиграме добро, можеме до добар резултат“, рече Беќири.

„Во споредба на ФЦСБ и Карабах, романскиот тим е поскап, но Карабах е дисциплинирана екипа, со години инвестираат, а нивна најсилна страна е тренерот и уште неколку играчи кои се заедно подолго време со тимот. Но, фудбалот е таков спорт што ако успееме да сме „гладни“, да останеме со нозе на земја, да се бориме максимално, може да поминеме добро во овој двомеч. Карабах сака да доминира, сака да игра, не се физичка екипа, играат добар фудбал. Ги анализиравме, да бидеме искрени, ги гледавме последните два меча, а тоа не е мерило. Секој нов натпревар е нова историја, колку ќе игра добро Карабах зависи од нас, колку добро ќе играме ние, зависи од нив.“

„За мене најважно е да се почитува дресот, да се дава максимумот, а за другото ќе покаже теренот. Секоја победа е важна за македонскиот фудбал. Јас се радувам на победите на сите екипи, затоа што не смееме по ниту една цена да паднеме под 50-тото место на УЕФА ранкингот. Од срце навивам, за мене не е важно која екипа има резултати. Важно е нашиот фудбал да се подигне на високо ниво. Тоа ни носи бенефит на сите, не само на Шкендија, туку на сите клубови“.

На прес-конференцијата беше и капитенот, Бесарт Ибраими кој го вети максимумот од фудбалерите.

„Ние фудбалерите сигурно ќе го дадеме максимумот. Карабах е квалитетен тим, но ние ќе се обидеме да ги надиграме. Верувам дека можеме да дојдеме до уште еден историски успех. Мора да веруваме во себе“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×