Шкендија со 1-0 ја совлада Стеауа во првиот натпревар од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите, поради остри стартови беа покажани и два црвени картони, по еден и на двете страни.
Голем резултат за Шкендија по првиот меч против ФЦСБ односно Стеауа, македонскиот шампион дојде до победа благодарение на еден погодок кој го постигна Алхасан.
Стеауа имаа повеќе од поседот на топка, а создадоа и поголем број на шанси. Но и Шкендија се закануваше и креираше одлични можности кон противничкиот гол.
Романците ја погодија и стативата од голот на Гаје, кој имаше и неколку супер интервенции.
Клучниот момент се случи во 65. минута кога Алхасан погоди со глава за водство на Шкендија од 1-0, што на крајот се покажа и како конечен резултат.
Само пет минути подоцна Шкендија остана со фудбалер помалку поради црвен картон на Чака добиен за остар старт.
Но, Стеауа само девет минути играше со фудбалер повеќе, тогаш Танасе направи прекршок за црвен картон, па силите беа израмнети.
Шкендија со предност од 1-0 ќе отпатува на реваншот во Букурешт и ќе се надева дека ќе го сочува водството за пласман во третото квалификациско коло од ЛШ.