Шампионот има домашна задача во Ѓорче Петров

by riste
2 минути читање

Македонија Ѓорче Петров денеска од 17 часот ја пречекува Шкендија во натпревар од второто коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Шкендија испиша клупска историја и си обезбеди европски фудбал до крајот на календарската година, но во меѓувреме треба да биде фокусирана и на домашните натпревари. Тие со победа над Шкупи ја стартуваа сезона, а денеска го играат првиот гостински натпревар.

„Заморот е тука и има влијание врз нашите настапи. Сепак, треба да бидеме многу искрени прво со себе, а потоа и со другите. Сите знаеме дека Шкендија веќе направи нешто многу големо и ние ќе бидеме во групна фаза во Европа. Истовремено, знаеме дека само преку првенството се обезбедува излез во Европа и поради таа причина првенството треба да се почитува максимално. Работевме на рехабилитација и верувам дека ќе бидеме во најдобрата верзија. За нас секој натпревар е тежок, бидејќи противниците против нас даваат 200% и поради тоа мора да бидеме максимално внимателни. Ова е само второ коло и не е дека многу го познаваме противникот, но од анализите на стручниот штаб мислам дека знаеме што да очекуваме. Најважно е да излеземе на терен за да ја играме нашата игра и задачите кои ќе ни бидат дадени, со верба дека ќе излеземе со посакуваниот резултат. Веќе реков дека имаме испишано историја, иако сакаме да се обидеме и против Лудогорец да обезбедиме пласман во Лигата на Европа. Сепак, за тие мечеви ќе размислуваме кога ќе дојде време. Сега сме максимално фокусирани кон Македонија Ѓ.П. Најважно е да останеме обединети, за да имаме континуитет на добри настапи. Затоа во овој момент најважен натпреварот со Македонија Ѓ.П.“, изјави капитенот Бесарт Ибраими.

Јован Попзлатанов од Македонија Ѓорче Петров вели дека тие ќе се обидат да ги искористат слабите страни на Шкендија и да дојдат до бодови.

„Првото коло секогаш е тешко да се игра, особено ако тоа значи гостување во Струга. Голем удел во поразот имаше и тоа што не бевме комплетни. Полека, но сигурно се комплетираме, ни се приклучуваат странците, имаме уште неколку повредени, но ниту едното, ниту другото не е повод за алиби. Добро ја анализиравме Шкендија, знаеме за каков противник се работи. Не случајно направија голем успех во Европа. Сепак, како и секоја екипа и Шкендија има слаби страни, а ние планираме да ги искористиме. Македонија Ѓ.П. на домашен терен секогаш игра добар и пред се цврст фудбал. На ниту еден тим нема да му биде лесно да игра на нашиот стадион. Очекувам голема борба, максимум од целата екипа и секако, посветеност за позитивен резултат“, вели Јован Попзлатанов.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×