Семејството Жанг и компанијата „Сунинг“ не го вратија долгот од околу 380 милиони евра во пропишаниот рок, па ќе ја изгубат сопственоста врз Интер и клубот ќе премине во рацете на фондот „Оуктри“.
Во 2021 година, семејството Жанг и компанијата „Сунинг“ добија кредит од „Оуктри“ во износ од 275 милиони евра, и требаше да го вратaт до 21. мај 2024 година (380 милиони евра сосе камати).
Како залог беше ставен контролниот пакет акции во Интер кој ги поседува семејството Жанг.
Изминатиов период семејството Жанг се обиде да го рефинасира долгот, се разгледуваа неколку алтернативи, но сите се изјаловија и сумата од 380 милиони евра не беше вратена на време.
Па сега „Оуктри“ ќе започне процес за превземање на контрола врз Интер.
Се верува дека фондот од САД веќе испратил писмо до „Сунинг“ со кое ги известува за намерата да ги запленат акциите кои компанијата ги поседува во Интер.
Потоа ќе треба да се распушти сегашниот борд на директори, па да се именува нов борд на директори и нов претседател.
Се очекува и правна битка, „Сунинг“ нема толку лесно да се откаже и ќе се обиде да врати што е можно поголем дел од својата инвестиција во Интер, која се проценува на околу 800 милиони евра.