Фудбалската репрезентација на Конго приреди големо изненадување и избори пласман во баражот за место на Светското првенство, откако ја елиминира Нигерија по драматична пенал серија. По 120 минути игра резултатот беше 1-1, а играчите на Конго беа посигурни од белата точка (4-3) и со тој триумф обезбедија настап во интерконтиненталните квалификации, последната пречка пред Мундијалот.
Нигерија влезе како фаворит, но ДР Конго одигра дисциплинирано и цврсто, што донесе еуфорија кај нивните навивачи по завршниот удар. Мечот сепак не мина без тензии. Завршницата беше обележана со инциденти, пред сè поради реакцијата на селекторот на Нигерија, Ерик Челе.
Тој тешко ја прифати елиминацијата и влезе во вербален и физички конфликт со дел од стручниот штаб на противничката репрезентација. Во изјава по натпреварот упати и крајно необично тврдење. Селекторот изјави:
„Член од стручниот штаб на ДР Конго правеше вуду магија за време на изведувањето на пенали. Тоа ме направи нервозен и решив да се соочам со него. Истураше течност од шише и не сум убеден дека беше само вода“.
Конго со голема доза на храброст и дисциплина сега се наоѓа само еден чекор од историски пласман на Светското првенство.