Фудбалската федерација на Македонија вечерва соопшти дека е закажано вонредно собрание за избор на нов претседател, на 22. декември ќе се одбере наследникот на Муамед Сејдини.
По многу гласини изминатиов период, вечерва пристигна и официјална потврда – Муамед Сејдини предвреме се повлекува од функцијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
Само неколку часа по победата над Фарските Острови и крајот на новиот циклус во Лигата на нации, беше одржана седница на Управниот одбор, на која Муамед Сејдини поднел оставка.
Одлучено е да се одржи Вонредно изборно Сорание на ФФМ на 22. декември, на кое и официјално ќе се констатира оставката на Муамед Сејдини, и ќе се избере нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
„После седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Одлуката е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, после период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал“ – се вели во дел од изјавата на Муамед Сејдини.
Според шпекулациите кои кружат подолго време, Масер Омерагиќ е прв кандидат за нов претседател на ФФМ.