На Изборното собрание на Фудбалската федерација на Македонија официјализирана беше оставката која си ја поднесе доскорешниот претседател Муамед Сејдини.
Тој ја водеше седницата, а имаше обраќање на говорницата кога на дневен ред дојде точката за оставката. Сејдини се осврна на сработеното во изминатите години.
„Денес е ден кога означуваме крај на едно поглавје. Чувствувам гордост за постигантото во овие шест ипол години како претседател на ФФМ. Ова е момент за размислување, бидејќи секоја епоха има и свој крај. Денес завршуваме поглавје кое имаше многу предизвици, а заврши со историски успеси. Од историското учество на ЕП 2020, преку големата победа над Италија, успесите во Лигата на нации и инфраструктурните проекти, сето ова беше резултат на заедничката работа на сите нас.
Горд сум што на чело на федерацијата дојдов на собрание во 2019 година, а потоа ја обновив довербата во 2021 година. Денес заминувам на ист начин, со благодарност и гордост, можам да ве погледнам сите во очи. Направивме успеси кои ќе останат во историјата. Благодарност до сите кои беа дел од овој пат. Се надевам дека нашиот фудбал и во иднина ќе биде извор на гордост. На мојот наследник му посакувам многу успеси и добра работа во неговиот пат“, заклучи Сејдини.
На чело на мак-фудбалот ќе дојде Масар Омерагиќ како единствен кандидат за претседателското столче.